27/03/2023
Како лалињата да ви траат што подолго?
Сезоната на лалиња веќе започна и ако сте од оние што сакаат да уживаат во убавината на ова нежно цвеќе, тогаш сигурни сме дека овој текст ќе ви го привлече вниманието.
Лалињата се прекрасни, но единствениот недостаток им е што кратко остануваат свежи во домашни услови.
Токму затоа, во продолжение ќе прочитате неколку совети за тоа како ова пролетно цвеќе да ви биде што подолго свежо во вазната и да ви го краси домот:
-Купете млади лалиња. Оние што уште се во пупка и уште се зелени. Цвеќето ќе се отвора неколку дена, а вие ќе уживате подолго во неговата убавина. Но, ако сакате да оставите впечаток, тогаш купете ги оние на кои бојата веќе им се ѕирка. Од друга страна, ако имате засадено лалиња и сакате да ги ставите во вазна, исечете ги пред да се отворат и внимавајте да ги сечете што поблиску до земјата.
-Секако дека водата е клучна. Ако сте ги купиле од цвеќарница, тогаш на патот кон дома, стебленцата завиткајте ги во влажна крта или хартија. Погрижете се да имаат вода, затоа што секој момент без вода, ќе доведе до нивно побрзо умирање.
-Дното на стебленцето исечете го околу 5 сантиметри, накосо, под агол од 45 степени и на тој начин цвеќето полесно ќе ја впива потребната вода од вазната. Ако на стабленцата има ливчиња, пред да ги ставите во вода, отстранете ги ливчињата, бидејќи тие први ќе овенат, а ќе придонесат и за порано пропаѓање на цветот.
-Вазната мора да биде доволно визока, за да може барем половина од стебленцето да биде под вода. На тој начин, и цветот ќе може да се „потпре“ на вазната, без да се наведне, затоа што ако се наведне, побрзо ќе венее. И секако, вазната мора да биде чиста, бидејќи ако има бактерии, тие ќе го уништат цвеќето многу брзо.
-Водата што ќе ја ставите во вазната, мора да биде студена, од чешма. Ако ставите млака или жешка вода, таа ќе ги омекне лалињата. Инаку, лалињата се цвеќиња кои многу „пијат“ вода, па внимвајте да не останат без неа, бидејќи логично, така ќе се исушат.
-Нека секое лале има свое место во вазната. Не ги преклопувајте едно врз друго, нема да можат убаво да ги отворат ливчињата и ќе овенат. И не ги оставајте лалињата на директно сонце. Жештината не им одговара.
-Конзервансот за цвеќе ќе го продолжи животниот век на лалињата. Можете да го купите во цвеќарница и да ги следите упатствата за користење. Но, можете да се послужите и со други трикови, на пример, во водата да ставите малку шеќер или сок од лимон, паричка... и така ќе го продолжите животот на цвеќињата